Безбедност
Во оваа област ЦСИА се обидува да ги испита современите безбедносни предизвици за мирот, безбедноста и стабилноста на граѓаните, на државата и на регионот од традиционален и од современ аспект.
Главната цел на програмата е да понуди конкретни предлози и решенија за безбедносните прашања со разгледување на сите аспекти поврзани со нив. Предметот на истражување во оваа програма ќе се разгледа преку методот на безбедносна анализа – проценка и прогноза за постојните и за идните социо-политички и безбедносни настани. Програмата ги потенцира новите безбедносни предизвици како што се тероризмот, борбата против радикализам и екстремизам, безбедноста на животната средина, кибербезбедноста, безбедносното управување.
Организацијата досега се фокусираше на истражувачки и на применливи проекти фокусирани на улогата на граѓанското општество во реформите на безбедносните агенции, на насилството од врсници, превенцијата од насилен екстремизам, улогата на полицијата за време на избори итн.
Заштита на лични податоци
Преплетувањето на приватноста и на безбедноста во дигиталниот свет се теми кои се секогаш актуелни.
Дигиталната јавна сфера создава целосно нов информативен и медиумски систем кој ги демократизира комуникациските процеси, но во исто време произведува нови предизвици. Тие вклучуваат, на пример, кампањи против дезинформации и засилување на популистичките погледи, особено на дигиталните платформи и на социјалните мрежи.
Недостасува систематско дејствување за зајакнување на еластичноста на корисниците на интернет, на законодавците и на медиумските професионалци пред дезинформациите и говорот на омраза преку интернет.
ЦСИА има за цел да развие алатки за информирање и едукација на граѓаните за остварување на нивните права во оваа област, како и алатки за застапување насочени кон развој на свеста на правните лица за спроведување на стандардите и на законските одредби за заштита на личните податоци и на приватноста. Во исто време, програмата исто така ќе понуди алатки за развој на капацитети за предизвиците од користење интернет.
Дигитализација/одржлива иднина
„Ние гледаме на дигитализацијата како начин на кој се преструктуираат многу домени на социјалниот живот околу дигиталната комуникација и медиумските инфраструктури“.
Синергијата помеѓу зелената и дигиталната економија може да понуди заедничко решение со долгорочни ефекти, а двете трансформации може заеднички да одговорат на предизвикот на климатските промени и да обезбедат одржлив развој. Организацијата истражува кои услови треба да бидат исполнети за земјата и регионот да имаат корист од овие неизбежни процеси. ЦСИА развива конкретни идеи за тоа како политиката може да ги обликува технолошките промени во општеството, во економијата и во државата, решавајќи ги прашањата на дигиталната инфраструктура, промена на моделот на вработување, влијание на клучните области на економската и на социјалната политика, трансформација на општеството.